ВМРО-ДПМНЕ предлага пописот да се спроведува и со отпечаток од прст

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот за попис, кој вчера Владата го утврди како закон кој ќе се носи со европско знаменце.

„Законот за попис не е закон кој што треба да го носи европското знаменце, односно се злоупотребува скратената постапка и оние европски знаменца кои што треба да стојат на закони кои што треба да значат усогласување на македонското законодавство со европското. Ова е закон за попис кој што всушност е за една употреба за еден пописен процес во деценијата. Ова е закон кој што треба да определи една статистичка операција, пребројување на населението, а во него како секогаш до сега била вклучена методологијата, но овој пат изостанува методологијата според која што ќе биде вршена оваа статистичка операција“, изјави Стоилкоски.

Тој додаде дека вака како што е предложен и објаснет пописот, според неговата партија, не станува збор за статистичка операција, туку за политички договор кој, како што рече, се потврдува со два врзани потписи.

„Вака како што е предложена, законот може да даде резултат од неверојатни 3 милиони жители во Република Македонија. И токму затоа, за да можат да бидат релевантни податоците извршени со пописната операција и за да резултатите од пописот бидат признаени од сите политички фактори и од сите институции и институти, предлагаме решение, а тоа е да се набават оние апарати за отпечаток на прст при спроведувањето на попис, за да на крајот сите бидат сигурни во резултатите на пописот, дека тоа не станува збор за политичко решение заради мир во коалицијата на власт, туку дека е извршен попис кој што ќе ги даде вистинските параметри за напредок и дека тие резултати ќе бидат признаени од сите политички фактори во Република Македонија“, рече тој.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави синоќа дека неговата партија нема да признае попис според сегашниот предлог-закон. Тој рече дека опозицијата ќе поднесе амандмани во финалната фаза, ама дека не може да го блокира донесувањето на законот, затоа што тој се носи според процедура предвидена за регулатива што произлегува од европските директиви.