Продолжува окрупнувањето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, за еден месец две партии и се придружија.
Членовите на ИНТЕГРА и ФРОДЕМ преминаа во опозициската партија нагласувајќи дека за проблемите со кои се соочува Македонија, но и македонските граѓани имаат заеднички решенија како да помогнат.
Сo окрупнување до решенија
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека партијата и опозицијата се окрупнуваат со цел да ја победат власта која не знае како да пристапи до проблемите со кои се соочува државата. Едноставно секој ден власта создава нови проблеми, а Македонија и граѓаните поради тоа запаѓаат во се поголема економска и здравствена криза.
„Јас сум исклучително среќен што изминативе неколку недели можевме искрено, пријателски, братски да разговараме за проблемите кои што заеднички ги идентификувавме. За истите тие проблеми се обидуваме да најдеме заеднички решенија бидејќи не треба да ги гледаме работите само од денеска за утре, туку треба да ги гледаме работите и така да им приоѓаме стратешки, визионерски. Ценам дека ова окрупнување на опозициските партии во иднина ќе продолжи“, нагласи вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својата прес конференција.
„Сакам да нагласам дека сите се определивме да преминеме во ВМРО-ДПМНЕ и оттука испраќаме повик до сите оние десно ориентирани политички партии, па и оние кои не се десно ориентирани да ни се придружат да направиме блок кој ќе ја реализира онаа идеја која беше присутна уште пред изборите. А таа идеја беше да се сруши оваа власт која ја обезличи и обесчести Република Македонија“, изјави Воислав Зафировски од ИНТЕГРА на 13-ти септември.
„Заедно одлучивме ФРОДЕМ да се инкорпорира во партијата со цел да даде свој придонес во процесот за демократизација, како и во борбата за победа на претстојните избори“, истакна вчера на својата прес конференција Љупчо Алексовски од ФРОДЕМ.
Опозициската партија дури го осуди СДСМ, дека нивната политика и платените инсталации да предизвикаат процеп на опозициското ткиво се неуспешни.
Ситнење на владината коалиција
Парламентарното мнозинство на СДСМ се распарчува, им бегаат пратеници од нивната коалиција, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „Што мисли народот“ на локална штипска телевизија ТВ Стар.
„Во овој момент, еве ексклузивно, има пратеници од коалицијата на СДСМ, коишто не се од Беса или од ДУИ туку останати пратеници во рамки на коалицијата на СДСМ кои што веќе разговараат за ново парламентарно мнозинство“, истакна Николоски.
На ова реагираше и премиерот Зоран Заев кој што истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема коалициски потенцијал за да може да формира ново мнозинство.
Наспроти тоа, најавува дека мнозинството што ја поддржува неговата влада наскоро ќе стигне барем до 65, а можеби и до 68 пратеници.
„Со која партија на Албанците и врз која основа ВМРО-ДПМНЕ би коалицирала за формирање ново мнозинство? Дали тоа би било врз основа на уривање на договорите со Грција и со Бугарија. Која друга партија би го прифатила тоа? Тоа се информации што се пуштаат наменски да се оттргне вниманието од дебатата дали треба да се смени раководството на ВМРО-ДПМНЕ по изборниот пораз. Но, ВМРО-ДПМНЕ нема да прави ново мнозинство, туку нашето мнозинство наскоро ќе се прошири за три до шест пратеници“, изјави Заев на 15-ти октомври.
Премиерот Зоран Заев по оваа изјава за медиуми одби да каже конкретни имиња на пратеници кои би заминале од опозицискиот табор, нагласувајќи дека не сака да му ги расипат разговорите со нив.
Но од Беса веќе неколку дена најавуваат можно приклучување на опозициската Алтернатива кон владејачката коалиција.
Партијата на Африм Гаши моментно брои четворица пратеници, со што мнозинството би стигнало до 66. Неколку дена парламентарното мнозинство во кое учествуваат коалицијата на СДСМ, ДУИ и Беса е соочено со предизвик како да се обезбеди кворум за работа и за одлучување, во ситуација кога двајца пратеници се заразени со КОВИД-19.