Само кога СДСМ е на власт можно е на тендер од 767 илјади евра не се јавува ниту една голема градежна фирма, туку само фирма, блиска до партијата и нивен кандидат за градоначалник, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фантастични 767 илјади евра за чистење на одронот на автопатот Миладиновци – Штип, тежи работата која што Македонија пат ја става на тендер, а на него се јавува само ‘Стентон’ градба од Битола, фирма блиска до власта и до кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ, Христо Кондовски“, велат од опозициската партија.
Прашуваат натаму како е можно на тендер за градежни работи, како чистење одрони, кои треба да се изведуваат на патниот правец Миладиновци – Штип, околу кој гравитираат општините Штип, Свети Николе, Куманово и цело Скопје. да не се јави ниту една фирма од овие општини, туку фирма од Битола и тоа во соработка со фирма од Тетово.
„Не се работи за програмирање, услуги, или друг вид работа за која не е важна оддалеченоста помеѓу местото на работа и седиштето на фирмата, се работи за градежни зафати за кои е важен и регионот на изведба кој игра улога во цената. И на ваков тендер, со оваа сума не се јавила ниту една фирма од поблискиот регион, туку само ‘Стентон градба’ од Битола.
Како само ‘Стентон градба’ е заинтересиран за тендер од 767 илјади евра? И како е дојдено до сумата од 767 илјади евра за обично чистење одрони и засекување на одредени делови?
ДКСК и ЈО да не чекаат да дознаваат понатамошни информации од медиумите и да отворат случај веднаш“, додаваат од партијата.