ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги сака само медиумите над кои има целосна контрола

СДСМ никогаш не сакал слободни медиуми. СДСМ ги сака само медиумите над кои има целосна контрола, се вели во соопштението што владејачката ВМРО – ДПМНЕ денес го упати до јавноста.

Интегрален текст од соопштението на ВМРО – ДПМНЕ:

Непринципиелното и неизбалансирано информирање на дел од медиумите кои учествуваат во вандалските протести на СДСМ и Сорос продолжува со несмален интензитет.

Овие медиуми континуирано отстапуваат илјадници секунди и објавуваат стотици написи секој ден во полза на лагите и манипулациите на СДСМ, додека истовремено ги извртуваат ставовите и неаргументирано го напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ.

Овие медиуми избегнаа да пренесат дека Претседателката на неформалната група „Пријатели на Македонија во Европскиот парламент“ Маријана Пертир испрати порака во која се вели дека Европската унија очекува избори на 5-ти јуни. Веста дека според ЕК Македонија ја очекува раст на БДП во 2016-та беше последен 13-ти прилог во вестите на телевизиите кои го фаворизираат наративот од Бихаќка.

Но затоа пак тезите произлезени од фабриките за афери на СДСМ беа промовирани во 4.602 секунди на централните вести и дебатни емисии на ТВ Телма, а ТВ 24 Вести на наративот идентичен со тој на СДСМ и на неаргументирано напаѓање на ВМРО-ДПМНЕ посвети 2.659 секунди во еден блок на централните вести и дебатни емисии. Пропагандата на СДСМ на нивните омилени телевизии беше застапена со вкупно 7.261 секунди во само еден појас на информативни програми.

И на двете телевизии во последниот информативен блок во кој доминираат вестите за протестите против избори кои се организирани од СДСМ, а поддржани од овие медиуми, пристрасното информирање го достигнува својот врв.

Во месец март СДСМ доби 146.850 секунди за ширење на својата манипулативна пропаганда, додека во април бројките во корист на манипулациите од Бихаќка се поголеми – СДСМ доби 172.383 секунди во истиот програмски појас на овие две телевизии. Тоа се речиси 50 часа пропаганда во само еден програмски блок. Во текот на целиот месец оваа бројка е неколкукратно поголема.

Од почетокот на месец мај СДСМ доби 9.976 секунди за ширење на својата манипулативна пропаганда на овие две телевизии.

Порталите кои граѓаните одамна ги препознаваат како партиски гласила на СДСМ, како што се Фокус, А1Он, Либертас, Плусинфо и другите соросови гласила вчера повторно беа преполни со стотици текстови за промоција на манипулациите на СДСМ и неаргументирано напаѓање на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е избалансираното новинарство кое го сака СДСМ – илјадници секунди за нивните измислици и лаги секој ден на телевизиите и стотици нарачани текстови на порталите. За СДСМ се најбалансирани новинарите и медиумите кои ги поддржуваат нивните хулигански насилни протести во кои се напаѓа полицијата, се уништува државен имот и се вандализираат споменици.

СДСМ никогаш не сакал слободни медиуми. СДСМ ги сака само медиумите над кои има целосна контрола.