Откако СДСМ доживеа фијаско со лагата за по еден вработен од секое семејство, стратезите на оваа партија сакаат упорно да покажат дека не учат од сопствените грешки и влегуваат од лага во лага, овој пат за по 850 евра приход за секое семејство.
Ова меѓу другото се вели во соопштението што денес го упатија од влдаејачката ВМРО – ДПМНЕ како реакција на изјавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ:
Откако СДСМ доживеа фијаско со лагата за по еден вработен од секое семејство, стратезите на оваа партија сакаат упорно да покажат дека не учат од сопствените грешки и влегуваат од лага во лага, овој пат за по 850 евра приход за секое семејство. Ниту Заев и СДСМ ќе обезбедат средства ниту пак СДСМ може воопшто да креира средна класа.
Со повторувањето и проширувањето на лагите е јасно дека ниту најголемите оптимисти од раководството на СДСМ не очекуваат победа на престојните избори, па сакаат со вакви максимално популистички ветувања без покритие да земат колку што можат од фондод на гласачи во Македонија, бесрамно лажејќи го сопствениот народ во очи.
Дека сето ова е една голема нереална лага на Заев говори и фактот што доколку СДСМ сакаше да ја зголеми минималната плата прв кој можеше тоа да го стори е нивниот претседател Зоран Заев во фирмите од тендерската мрежа на кланот Заеви во кои огромен број вработени ја земаат токму минималната плата која кога има вклучена камера е прениска за Зоран Заев.
Наспроти тоа, денес во Штип и наредните месеци насекаде каде што ќе оди Зоран Заев ќе ја повторува лагата за средна класа со 850 евра месечно за секое семејство, како што неговите претходници во партијата ветуваа по еден вработен од секое семејство. Безидејноста и недостатокот на конкретни решенија на СДСМ ги тера во очај да измислуваат вакви нереални и неискрени солуции за подобрување на стандардот на граѓаните во Македонија.
Ако Зоран Заев е заинтересиран македонските граѓани да имаат доволно висока плата за, како што рече, да може да одделуваат пари за да имаат достоинствен одмор, за купување на кола и купување на стан, може да објасни како се штеди за да може да се купи куќа на море, и дали куќата на море се купува полесно кога своите вработени ги држиш на минималец.
Заев треба меѓу народот да ја прати и својата заменичка Радмила Шеќеринска која исто така има што да каже на тема штедење, достоинствени одмори со сопствени јахти на монденски летувалишта, купување станови и дали е полесно да се одделуваат пари на месечно ниво за купување јахта, доколку остварувате приход меѓусебно изнајмувајќи си станови со сопругот.
Што се однесува до изјавите на Заев за преговорите на изборниот законик, се повидлива е нервозата и стравот од пораз на изборите што владее во СДСМ. Како се ближи април СДСМ се повеќе ќе бара изговори, и ќе заговара решенија со кои ќе сака да ја покрие слабата поддршка од граѓаните. Ова сценарио е веќе видено и осудено на пораз со кој очигледно одамна се помирени во СДСМ.