Службената белешка на наводен близок пријател на Митко Чавков дека поранешниот министер за внатрешни работи има вила во Халкидики и планира да бега таму е измислена со цел негово притворање, тврди ВМРО-ДПМНЕ пред утрешната пресуда за поранешниот прв човек на полицијата и групата обвинети за 27 април.
„Доказ за политичкиот прогон во Македонија е и преседанот со апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков кој беше приведен на мафијашки начин со измислена службена белешка, и покрај дадената парична гаранција, само неколку дена пред да биде изречена пресудата за политички монтираниот случај за 27 април, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека Македонија е единствената држава во демократска Европа во која во 21 век во затворите се уште има политички затвореници и дека таму се наоѓаат само поради различните политички ставови со премиерот Зоран Заев.
„Кацарска судството и Русковска обвинителството се симболи на заевизмот, симбол на неостварените ветувања за правда во Македонија, симболи на политичкиот кој не бира средства и начини за вршење тортура врз политичките противници на власта. Правото и правдата во Македонија мора да се врати. На заевизмот кој е реминисценца на криминалната транзиција мора да се стави крај“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.