
ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе поднесе пријава за кршење на процедурите, а за претседателката на Комисијата за избори и именувања најавија интерпелација доколку останат на ставот за гласање на двајцата уставни судии, а не и за сите тројца. Точката на дневен ред се однесува на сите уставни судии а не поединечно и се прави преседан доколку се дозволи гласање на судиите а целосната процедура не е помината.
„Секојдневно го доведуваат Собранието во фаза на кршење на постапки и процедури за примена на деловникот кој што го имаме. И морам да повторам уште еднаш претседателката на Комисијата за избори и именувања ќе добие најмалку интерпелација од пратеничката група за кршење на Деловникот и начинот на работа на оваа Комисија. Апсолутно ќе има пријави и ќе има разгледување на целата постапка за избор на овој сет на уставни судии затоа што кршењето, јас вчера кажав, со начинот на изборот со начинот на работа, Уставниот суд го прават неуставен“, вели Никола Мицевски.
Но, координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вели дека доколку се изберат двајцата уставни судии нема да има прекршување на процедурите, а ќе се избегне државата да влезе во уставна криза.
„Се отвора дискусија за секој посебно и се гласа за секој посебно. Претседателката на Комисијата го информираше претседателот на Собранието дека за тие двајца завршена е дискусијата и изгласано е со мнозинство дека треба да продолжат во понатамошна постапка со тоа што исто така го информира дека Комисијата и понатаму ќе продолжи со работа. Ако е целта на опозицијата да го блокира изборот на уставни судии и да ја донесе земјата во уставна криза бидејќи во ноември завршува мандатот и на петтиот уставен судија тоа нема да го дозволиме“, посочи Јован Митрески.
Уставниот суд се соочува со недостиг на судии веќе подолго време. Досега судот работи на раб на кворум и од постојните 9 судии одлуките ги носи само со петмина. Од предлогот за избор на тројца уставни судии, двајца ја поминаа комисиската расправа, но кога дојде да се одлучува за актуелниот јавен обвините Љубомир Јовевски опозицијата целосно ја блокираше работата на Комисијата.