ВМРО-ДПМНЕ Штип: Негрижата за граѓаните излегува на виделина

Наместо да донесе реформи во здравството и искрено да се заложи за подобрување на условите во Клиничката болница во Штип, Државниот Секретар во Министерство за здравство – В.Милошев, работи единствено на негова лична корист, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ Штип.

-Иако беше еден од најголемите гласноговорници за состојбите во здравството во нашиот град, откако е на функција, не превзеде ниту еден чекор за да овозможи подобри услови за пациентите. Наместо да мисли како да го зголеми бројот на медицински сестри, да вработи општи лекари, да отвори нови специјализации, тој очигледно мисли како да ги искористи бенифициите што ги нуди власта. Имено, Милошев како Државен Секретар во Министерство за здравство добил решение за одвоен живот, т.е. да престојува во Скопје, меѓутоа и неговите соседи можат да потврдат дека истиот тој воопшто не престојува во главниот град. Tоа значи дека освен тоа што секојдневно патува на сметка на граѓаните, на истиот му се исплаќаат и дополнителни парични средства за одвоен живот, вели Трајче Здравков од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму бараат некој да понесе одговорност.

-Негрижата за своите сограѓани од страна на функционерите на СДС излегува на виделина со нивните секојдневни постапки. Овој случај ниту е изолиран, ниту пак некој ќе понесе морална одговорност. Вие, граѓаните, сте оние кои ќе ги казните функционерите на оваа партија на првите избори, затоа што од ветениот живот нема ни трага ни глас, заклучуваат тие.