Стево Пендаровски го загуби кредибилитетот за организирање на лидерски средби откако на 13 август го додели мандатот на Зоран Заев без доказ за поседување на парламентарно мнозинство по што ВМРО-ДПМНЕ ги замрзна односите со Претседателот на државата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува соопштението на партијата:
„Потоа таквото губење на кредибилитет го потврди и со низа скандали врзани со неговото работење, како на пример она сведоштво на Реисот кој објаснува на кој начин е избран Пендаровски поточно според негова изјава со пари и земја кои му биле ветувани. Еве недели поминаа од таа изјава и нема никој од обвинителство кој го повика поранешниот Реисот да ги истражи овие обвинувања.
Аналогно на замрзнатите односи, средба кај Пендаровски кој остана без кредибилитет, кој е без свој став, или го следи ставот на Заев не прифаќаме бидејќи споредено со искуството кое го имаме од минатото, многу лесно договореното се преиначува, а Стево редовно се “пере” од својата одговорност.
Оттука бараме средба со лидерите на партиите од власта и опозицијата на која ќе се дискутира за спорот со Бугарија, поточно ветото и што се е на маса, бидејќи јавноста и опозицијата е целосно исклучена од овој процес. Потоа да се дискутира за исклучително лошата состојба со корона кризата, како и потребата за широка влада наметната од тоа што по сериозните дебакли владата го загуби кредибилитетот да говори и работи за овие прашања, како преоден период до избори.
Кога прв пат побара ВМРО-ДПНЕ лидерска Заев рече “немам што јас да се среќавам со Мицкоски”. Потоа уште два пати Заев одбиваше лидерска средба. Она што се смени во меѓувреме е потрошеното време и ветото за државава што е жесток шамар за владата кој Заев смешно и неосновано сака да го прикаже како неуспех кој не зависел од владата. Ова го споменуваме не само да кажеме дека Заев го променил ставот, туку и да ја посочиме мудроста некогаш предвреме да ги антиципира работите, затоа што се потроши драгоцено време за државата во неоправдана суета и галопирачка неспособност.
Граѓаните немаат уште години за загуби. И на крај, Заев не може како Пониј Пилат да ги мие рацете за сите неуспеси, а кога зборува за приемот во НАТО заборава да каже дека токму насилната промена на уставното име е почетокот на отварањето на пандорината кутија. Секое нејзино подотварање денес е еквивалент на некоја нова национална катастрофа поради мафијашките политики на оваа влада предводена од Зоран Заев.