ВМРО-ДПМНЕ: Заев е единствениот премиер во Европа фатен како бара мито

Лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев е единствениот премиер во Европа кој е фатен како бара мито од 200.000 евра од бизнисмен, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„За тоа има јасни видео материјали кои можеше целата македонкса јавност да ги види, а кои претставуваат непобитни докази за тоа како Зоран Заев работел во Струмица и за тоа како планира да работи во цела Македонија. Ништо не може да го оправда за криминалот што го има направено Заев. Однесувањето на митаџијата Зоран Заев е срам за неговата партија, но и за цела Македонија. Тое ќе биде казнето на 15 октомври од граѓаните“, стои во партиското соопштение.

Претходно во средата судот го одби барањето на адвокатите на премиерот, Зоран Заев, видео снимката во случајот „Поткуп“, која ја виде целата јавност откако беше објавена на каналот „Јутјуб“, да не се користи во предметот. Судот одлучи дека снимките ќе се користат како доказ во постапката. Адвокатите на Заев најавија жалба по ова решение.

Денеска беше одложено уште едно рочиште од овој предмет кој се води против Заев за примање поткуп. Причината за одложувањето е затоа што судијката Дијана Груевска Илиевска била на боледување. Судењето е одложено за 20-ти ноември.

Заев е обвинет дека додека бил градоначалник на Струмица наводно побарал поткуп од 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов за градежно земјиште во општината.

Станува збор за снимка прибавена со налог на судот преку посебни истражни мерки. Според лидерот на СДСМ оваа снимка не треба да биде дел од доказите против него, но истовремено, тој бара снимките кои ги објавуваше од прислушуваните разговори, за кои не постои судски налог и се уште не се знае како се прибавени да се користат во предметите против осомничените и обвинетите во случаите кои ги води СЈО.