ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ сака да ја изигра волјата на народот, ја туркаат државата во уште поголема криза со несогледливи последици

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека Заев и СДСМ ја туркаат државата во уште поголема криза со несогледливи последици.

Власта одлучи со насилничко однесување да распише референдум за договорот со Грција без да го послуша размислувањето на 455.000 граѓани на Република Македонија кои се претставени од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“. Свесни дека договорот е штетен за државата, тие се обидуваат со сила, без прифаќање на аргументите на опозицијата да протуркаат прашање кое е безсмислено и повеќезначно. Прашањето кое се предлага од власта дали сте за членство во ЕУ и НАТО поддржувајќи го договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е во целосна спротивност со законот. Истото е двосмислено и повеќезначно, и пред се манипулативно, посочуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ сака да ја изигра волјата на народот на начин што сака капитуланскиот договор да го поврзе со членството во НАТО и ЕУ што пак е заедничка цел на сите граѓани во Република Македонија.

Доколку Заев беше убеден дека постигнал добар договор со Грција, тогаш само договорот ќе беше ставен во референдумското прашање и народот ќе го кажеше своето мислење за него. Зоран Заев и СДСМ ја имаат целосната одговорност за антидржавниот и капитулантски договор со Грција. Наместо Зоран Заев да измислува некои квази правни толкувања во случај референдумот да не успее и одговорноста да ја префрла на институциите, тој треба веднаш да си ги исполни своето ветување и да замине еднаш засекогаш од политичката сцена, се наведува во партиското соопштение.

Оттаму нагласуваат дека единствените кои ја попречуваат европската иднина на граѓаните се Зоран Заев и СДСМ.

Досегашното нивно владеење не донесе ништо освен корупција, криминал, неспособност и партизација на институциите и судството. Колку порано падне оваа капитуланска власт толку подобро за граѓаните на Република Македонија, се наведува во соопштението.