ВМРО Народна со поддршка на измените во изборниот Законик

„ВМРО-Народна партија уште во 2011 година упати јасен став и иницијатива за измени во изборниот Законик, со што Македонија би била една изборна единица без изборен праг, од едноставна причина што само така републиката може да го почувствува вистинскиот плурализам и ги испочитува различностите во партиско-политичката сфера. И покрај калкулирањата на некои политички партии, после осум години континуирано потсетување и борба за оваа иницијатива сеуште сме на истиот став и упатуваме огромна поддршка за нејзино конечно реализирање“, стои во соопштението на ВМРО Народна.

Од партијата потсетуваат дека нивниот предлог се измени и во Законот за финансирање на политичките партии односно загарантирана финансиска независност со одвојување на 0.3% од буџетот на државата, а во делот за распределба на средства од изборните резултати, единствен критериум да биде бројот на освоени гласови на изборите.

„Унапредувањето на рамноправната застапеност на политичките партии при рекламирање во медиумите всушност е главен услов за демократско претставување и изјаснување пред граѓаните. Со допрецизирање на законските одредби ќе доведе до елиминација на различното толкување на јавниот сервис за правична застапеност на партиите во медиумите. Цврство сме убедени дека ваквите измени во изборникот законик ќе претставуваат најсигурен пат до вистинскиот плуралистички состав на Парламентот и дека ќе се обезбеди широка и трајна демократизација на македонското општество“, се вели во соопштението.