Нов вид на дрога за прв пат е регистриран во нашата земја, алармираат од Министерството за внатрешни работи.
Битола е градот каде што за прв пат е регистрирана новата дрога која во нарко круговите е позната под неколку различни имиња како „bath salts”, „Blow”, „research chemicals”, „Explosion” и други.
Главна карактеристика на оваа дрога е тоа што влијае како стимуланс на централниот нервен систем, сличен на кокаинот и амфетамините.
Тоа што треба да ги загрижи граѓаните и ризичната популација е фактот дека оваа дрога и дополнителните дејствија од неа во последните години се причина за смрт на 99 лица во земјите членки на Европската Унија. Хемиското име на дрогата е метил-ендиокси-пировалерон или скратено МДПВ.
Битолски полицајци од Одделот за недозволена трговија со дрога при преглед кај битолчанка, нашле една паковка со непозната прашкаста материја и цевче со траги од прашкаста материја, кои и’ биле одземени, а потоа биле испратени на вештачење во лабораториите на МВР. Било утврдено станува збор токму за метил-ендиокси-пировалерон.
При претрес во домот на друго лице во селото Трново, исто така била најдена непозната прашкаста материја, за која било утврдено дека станува збор за 10,17 грама метил-ендиокси-пировалерон.
При прeтрес кај лица, меѓу кои и братот на девојката од Битола, најдена е истата материја. За точно утврдената количина се уште се чека вештачењето на МВР. Во сите случаи кога лицата конзумирале МДПВ, општа карактеристика е дека се агресивни, со неконтролирани движења, хипер активни, а две под дејство дрогата извршиле и разбојништва.
Бидејќи новата супстанција е непозната, а лицата кај кои била најдена при давањето исказ тврделе дека не е дрога и кај нас не е забранета, веднаш било известено Министерството за здраство, односно Секторот за Контролирани супстанции. Оттаму информирале дека станува збор за нова дрога на пазарот, која е синтетичка верзија на кокаин.
Потоа се состанала меѓуресорската комисија, која одлучила да се забрани оваа супстанција. Новата дрога е внесена во прва категорија на опојни дроги. Освен оваа супстанција во дополнетата класификација се внесени и 14 други нови наркотици и нивните мешавини. Меѓу нив има дроги што предизвикуваат психоделични ефекти, аналгетици со 80 отсто од моќноста на морфинот, аноректични дроги, односно супресанти на апетитот кои предизвикуваат параноја, халуцинации, анксиозност и депресија, деривати на амфетамини и други.
Оваа појава на нови дроги, за жал е особено зачестена изминативе години со засилениот развој на науката. Од 2005 година до сега на ниво на Европската Унија се пријавени дури 300 нови видови на наркотици.