Во 2013-та година се изградени или темелно реконструирани 144локални патишта со должина од 145 километри и 14 регионални и магистрални патишта во должина од 150 километри.
Премиерот во своето новогодишно обраќање најави дека во 2014- та година ќе има нови 75 локални патишта исто така во должина од 145 км и голема должина на регионални и регионални патишта.
„Во 2014-та меѓу останатото започнува и градбата на ХЕ Бошков Мост и Луково поле, а се чини овој пат има интерес од концесионери за ХЕ Чебрен како никогаш досега. Во 2014-та ќе имаме градба на гасоводна примарна мрежа,а во јануари ќе се отвори и јавен повик за концесија на секундарната гасификација“, рече Груевски.
Во 2014-та година ќе се градат три автопатишта кои ќе бидат од голема корист за граѓаните, ќе им го олеснат и скратат патувањето.
„Последната делница од автопатот Александар Велики се гради без застој,а со НР Кина се направи аражман за два нови автопата, од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид чија градба треба да почне за околу два месеци. Се потпиша и договорот за градба на железницата кон Бугарија чија градба треба да почне во наредните два-три месеци, а пругата на коридорот 10 се ремонтира за да се вози со брзина од 120 км на час. Се склучија и договорите за набавка на 150 товарни вагони, а следува потпишувањето и за нови патнички композиции, како и реконструкција на поголемите железнички станици“, најави претседателот на македонската Влада.
Тој во обраќањето потсети дека во 2013та за 5 отсто беа зголемени пензиите за пензионерите и социјалната помош, а во март следната година предвидени се нови 5 отсто зголемување и на двете, додека во септември 2014та ќе пораснат за 5 отсто и платите во администрацијата, во време во кое во повеќето други земји или се замрзнати или се намалуваа.