Седумдесет и пет медиумски работници се убиени во 26 земји во светот од почетокот на 2019 година, се наведува во годишниот извештај на невладината организација Press Emblem Campaign (PEC), објавен во петокот во Женева.
Се истакнува дека „од почетокот на годинава 75 новинари се убиени во 26 држави“. Тоа е помалку во однос на претходната 2018 година, кога биле убиени 113 лица. Според PEC, намалувањето на бројот на жртвите меѓу медиумските работници е „охрабрувачки, но сепак претстои да се стори многу повеќе“ за осигурување на нивната безбедност. Се потсетува и дека во 2019 година многу новинари биле ранувани, приведувани, трпеле закани и напади.
Првите три места на листата според бројот на жртвите кај медиумските работници годинава ги заземаат Мексико со 13, Авганистан и Пакистан со по 8. Следат Сирија со 6, Хондурас со 5 и Филипини со 4 убиени новинари или други медиумски работници. Меѓу државите каде што се забележани насилни смртни случаи на новинари се наведуваат и Украина, Велика Британија, Индија, Бразил, Хаити, Индонезија и др.
Според PEC, во последните десет години се убиени 1.174 медиумски работници. Организацијата „одлучно го осудува овие грозоморни напади врз новинарите и ги повикуваат властите да ги приведат одговорните пред лицето на правдата“. Се истакнува дека за ваквите дека „не смее да има неказнивост“.
Организацијата Press Emblem Campaign е формирана во 2004 година и има консултативен статус при Обединетите нации. Како извори на своите извештаи ги користеи медиумските извештаи, ОН и невладините организации.