
Во Градската општа болница „8 Септември“ од повредените од тешката сообраќајна несреќа, во моментов се лекуваат 19 пациенти. Од нив, 14 пациенти се стабилни и се во добра здравствена состојба. Двајца пациенти се на респираторна машина и се во животозагрозувачка состојба. Тројца пациенти се нестабилни, во тешка здравствена состојба под опсервација и мониторинг, информираат од Министерство за здравство.
Оттаму велат дека во Клиничкиот центар во Скопје вкупно се лекуваат шест пациенти, од кои четири на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ. Двајца се во стабилна здравствена состојба, додека пак другите двајца од нив се во критична состојба. Еден од пациентите се наоѓа на Клиниката за торакална хирургија и е во стабилна здравствена состојба, еден пациент од неврохирургија и една пациентка (трудницата) која се наоѓа на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, се исто така во стабилна здравствена состојба.
Во стабилна и во добра здравствената состојба е и пациентот кој се наоѓа во Клиничката болница во Тетово, се наведува во нивното соопштение.