Американската сојузна држава Алабама во четвртокот го погуби осудениот убиец Кенет Смит со азот, што е првиот нов метод на егзекуција што е користен во САД од воведувањето на смртоносната инјекција пред четири децении.
Смит, осуден во 1988 година за платено убиство, е еден од ретките затвореници кој веќе преживеал обид за егзекуција. Во ноември 2022 година, службениците на затворот во Алабама го прекинаа процесот на смртоносна инјекција откако неколку часа не можеа да најдат вена поради повеќекратните исеченици на неговите раце. Смртната казна истече истиот ден на полноќ.
Тој е еден од двајцата мажи осудени за убиство на сопруга на проповедник, Елизабет Сенет, со нож и претепување до смрт, за што на убијците им биле платени 1.000 долари. Во 1996 година, поротата препорача доживотен затвор без условна слобода, но судијата ја отфрли нивната одлука и го осуди на смрт.
Алабама го нарече новиот протокол „најбезболен и најхуман метод на егзекуција“. Се предвидуваше дека Смит ќе ја изгуби свеста за помалку од една минута и веднаш ќе умре, но очевидците тврдат дека сè траело неколку минути подолго.
Алабама се залага за асфиксија како поедноставна алтернатива за затворските системи кои се борат да најдат вена на затвореникот или да добијат смртоносни супстанции за инјектирање. Групите за човекови права, експертите на ОН за тортура и адвокатите на Смит се обидоа да го спречат извршувањето на смртната казна, тврдејќи дека методот е ризичен, експериментален и може да предизвика болна смрт или да резултира со нефатална повреда.
За време на процесот на извршување, Смит бил ставен на непропустлива маска преку која вдишувал чист азот. „Се чини дека Смит го задржа здивот онолку долго колку што можеше“, рече комесарот за затворскиот систем во Алабама, Џон Хам.
Пред да се ослободи азотот, Смит даде долга завршна изјава која започна со зборовите: „Вечерва, Алабама го натера човештвото да направи чекор назад“. Рече дека заминува со „љубов, мир и светлина“. Неговата сопруга и други роднини присуствуваа на егзекуцијата.
Азотот сочинува 78 проценти од воздухот што го дишеме, но со вдишување чист азот, органите и клетките полека остануваат без кислород.