Во Атина се планира нов „голем митинг“ против договорот од Преспа

Противниците на Преспанскиот договор за новото уставно име на Република Македионија го повикуваат грчкиот претседател да не го потпишува законот за ратификација на договорот и подготвуваат нов „голем митинг“ кој треба да се одржи на 27-ми јануари, соопштија во вторникот од грчкото здружение Семакедонска конфедерација.

Во неделата 20-ти јануари во центарот на Атина беше одржан митингот под мотото „Македонија е Грција“, на којшто учествуваа, според процените на полицијата на грчката престолнина 60.000 луѓе, медиумите проценуваат дека имало околу 250.000 луѓе, додека организаторите кои најавуваа милион демонстранти соопштија за „стотици илјади“. Во текот на протестите дојде до судир со полицијата на група лица кои се обиделе да се пробијат кон зградата на парламентот. Полицијата употреби солзавец на плоштадот Синтагма, поради што илјадници луѓе биле принудени да го напуштат плоштадот.

„Семакедонската конфедерација во четвртокот ќе започне со протести. Во понеделникот започна автомобилски протест од езерото Преспа со барање да се поништи договорот со Скопје. Митинзите со учество на македонски организации веќе се одржаа во редица градови и ќе се одржуваат до неделата, денеска имаше митинг во Верија, утре ќе има во Солун. Сите собири беа масовни“, изјавил претставник на конфедерацијата за агенцијата РИА:

Како што појаснил, сите протести се непартиски.

„Претседателот на Семакедонската конфедерација, Јоанис Атанасијадис, го повика грчкиот претседател Прокопис Павлопулос да ја преземе историската одговорност, да одигра важна улога во историјата на Грција и да ја исполни својата света должност, да го прекине овој договор“, рекол неименуваниот соговорник на агенцијата.

Тој, исто така, истакнал дека митингот во Атина се подготвува за во недела, а парламентот за договорот од Преспа ќе гласа во четвртокот вечерта.

„Протестот се подготвува за в недела. Според нашите информации, (опозициската) партијата Нова демократија, ќе даде предлог за одложување на датумот за гласање недоверба на владата“, рекол.

Според него, дискусијата за договорот меѓу Атина и Скопје треба да заврши во среда и четврток, и тој да биде ратификуван доцна ноќта во четвртокот.

„Мислам дека тоа нема да се случи доколку Нова демократија поднесе предлог за гласање недоверба (на владата на премиерот Алексис Ципрас – з.р.). Сметам дека и другите партии ќе ја поддржат“, рекол претставникот на Семакедонската конфедерација.

Претходно во вторникот извори од Нова демократија брифирале дека најголемата грчка опозициска партија може во среда на пленарната седница на парламентот да го постави прашањето за недоверба на владата на Ципрас, за што се потребни потписите на 50 пратеници кои веќе биле собрани. Сепак, во опозициската партија се води дискусија дали во моментов е неопходно по вторпат за помалку од една година да се предлага гласање недоверба на владата.

Претходно прашањето за недоверба на владата беше покренато во јуни 2018 година, а тогаш опозицијата не успеа во парламентот да го собори кабинетот на Ципрас. Тогаш 127 пратеници гласаа за недоверба, а потребни беа 151 глас од вкупно 300 пратеници. Против предлогот за недоворба гласаа 153 пратеници. Регулативата овозможува покренување на прашањето за недоверба на секои шест месеци.

Нова демократија смета дека договорот од Преспа е на штета на грчките национални интерси и се противи на неговата ратификација. Договорот претходно беше дискутиран два дена во надлежните парламентарни комисии, а дискусиите минаа на висок тон, па состаникот на комисијата за надворешни работи и одбрана беше прекината во понеделникот поради бројните конфликтни ситуации. Потоа во вторникот истаката комисија го одобри Преспанскиот договор со мнозинство гласови, односно 29 гласови „за“ и 26 гласови „против“. Во среда во 10 часот треба да започне пленарната седница во парламентот на кој ќе се дискутира за договорот.