Во Австрија за еден ден речиси 11.000 новозаразени со коронавирус

Од вторникот до средата во Австрија се регистрирани речиси 11.000 нови случаи на коронавирус, поточно 10.898. Она што е видливо во последните денови и недели е постојаното зголемување на бројот на новозаразени, веќе доминантни подваријанти на коронавирус BA.4 и BA.5. Во Виена тие сочинуваат дури 70 отсто од вкупните инфекции.
Австрискиот министер за здравство Јоханес Рауч изјави за новинарите дека тоа е „очекувано“ и дека растот на бројот на нови инфекции дневно е „во насока од 10.000 и 15.000“. И покрај тоа, австриската влада се уште не презема ништо, а како што нагласи министерот „смета на самоодговорност“ на австриските граѓани.

Тешко е да се каже дали ќе остане така, бидејќи познатиот австриски стручњак Петер Климек наскоро пресметал дека ќе има најмалку 30.000 нови инфекции дневно веќе во јули и во август. Тој, исто така, истакна дека правилата за карантин наскоро ќе треба да се преиспитаат и додаде дека симулациите на настани покажуваат јасен пораст на бројот на новозаразени и „нема индикации дека бројките ќе се намалат“.
– Во секој случај, Австрија мора да се подготвува за 30.000 новозаразени дневно – тврди Климек.

Предупредува дека „само со маска на лицето сето тоа нема да може да се надмине“, бидејќи проценките покажаа дека сега доминантните вирусни подваријанти се уште многу позаразни од проценките во мај.

Во Австрија во моментов од коронавирус активно боледуваат 71.802 лица, од кои 653 се во болници, од кои 50 на интензивна нега, пишува магазинот Феникс.