Македонија над се’ – не ни треба ниту Бугарија, ниту ЕУ

Бугарија никогаш не и’ била пријател на Македонија. Никогаш. Вековит неостварен сон на Бугарија е да ја уништи Македонија. Да ја нема. Истото било и пред 200 години, истото е и сега. Македонците, македонскиот јазик, македонската култура, македонската историја, македонските дејци… на Бугарија сето тоа и’ е трн во окото. Единствен период на затоплување на односите имало само по Втората светска војна. Тогаш фашистичка Бугарија како губитник во војната, се престројува и преминува во комунистичкиот блок. Потпишан е и Бледскиот договор. Македонците биле признати како посебен народ во Бугарија. Добиле права. Но, за жал сето тоа траело кратко. Голема среќа за Македонија е што токму во тој период биле пренесени моштите на најголемиот македонски син – Гоце Делчев, во главниот град на слободна и независна Македонија, Скопје. Исполнета била неговата животна желба.

Нас воопшто не треба да не’ интересира дека Бугарија цврсто стои на ставот дека Гоце е Бугарин. Ние ќе си го славиме како најголемо име во новата историја на Македонија. Тој е Македонец. Знаеме како и зошто има документ дека е Бугарин. Исто и со сите останати историски личности и случувања од нашето минато. Со просветителите Кирил и Методиј, со нивните ученици Наум и Климент, со цар Самоил… со сите. Ние ќе ги учиме и ќе ги славиме како Македонци и тоа никој неможе да ни го одземе. Нивните имиња ќе ги пишуваме на Македонски јазик, со македонско кирилско писмо. Тие нека прават што сакаат. Тоа е наша историја. Наша. Македонска. Тоа се фактите. Како што е факт дека со Букурешкиот договор од 1913, Бугарија добива околу 10 отсто од територијата на Македонија, заедно со населението кое е на таа територија. А, тие луѓе се Македонци. Нашиот Пирин. И ден денеска Бугарија го поседува тој дел, но молчи. Македонците не ги признава и покрај дузината загубени судски процеси пред меѓународни судови.

Со последните случувања во однос на членството на Македонија во Европската унија, стана јасно дека односите на Македонија со Бугарија треба да ги ставиме како во период на СФР Југославија. Целосно игнорирање на тој наш сосед се’ додека не дојде момент на погоден терен за разумни разговори и договорања. Ако цената за тоа е и да не влеземе никогаш во Европската унија, тогаш во ред. Таква ЕУ воопшто не ни треба. Има и други држави што не се членки во ЕУ, па светот и векот не застанаа. Најважно е да се фокусираме на сопствениот двор. Него да го средиме и дотераме. Да ги елиминираме оние трулости во системот, кои ни пречат на сите. Да си ја направиме земјата подобро и посреќно место за сите кои живееме тука. Никаква Бугарија и ЕУ не ни се потребни за тоа. Никакви преговори со ЕУ за членство не ни се потребни ако сме обезличени, понижени и омаловажени.

Најголем приоритет моментно во Македонија е час поскоро да има парламентарни избори. Македонските граѓани нека си го кажат своето на избори. Каква власт ќе изберат, таква иднина нека очекуваат. А, граѓаните одлично ги знаат ставовите на политичките партии. Оваа власт која сега го узурпира менаџирањето со земјава, нема капацитет да не’ одбрани од вековните душмани, да не’ спаси од сиромаштијата. Служат за потсмев. Секој нов ден со нив ни е ново понижување. Ново пропаѓање во сиромаштија и во корупција. Забетонирани сме на дното по сите параметри. Нема пора во општествово што не е загадена од нив. Опозицијата мора да наметне посилна динамика и порадикални чекори во рушење на оваа власт. Голема е поддршката на граѓаните за рушење на власта. Моментот е дојден. Шансата мора да се искористи. Или ќе ја нема оваа трула власт или ќе ја нема Македонија. Трето не постои.
Да живее Македонија!

Автор: Дејан Николовски