![dzemat2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/08/dzemat2.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Според Исламската заедница во Босна и Херцеговина, во земјата сѐ уште дејствуваат десетина ткн „параџемати“, коишто муслиманските верници ги привлекуваат надвор од признатите структури, а ги предводат самонаречени имами кои нудат радикална интерпретација на исламот.
„Евидентирани се 11 такви локации или групи ширум Босна и Херцеговина. Во некои од тие објекти се собираат до 10 лица, ниту во еден повеќе од 30, освен кога се организираат посебни трибини или предавања на кои се собираат поголем број луѓе од БиХ и од дијаспората“, вели Мухамед Јусиќ, советник за верски прашања на реисот Хусеин Кавазовиќ, за саботното издание на бањалучкиот весник Независне новине.
Исламската заедница во БиХ уште во 2016 година реши да преземе мерки кои ќе ги згаснат параџематите кои тогаш привлекуваа значителен број радикализирани верници. Таквите самопрогласени верски заедници беа упоришта на радикалните исламисти, а некои се поврзани и со терористички активности, како во самата земја така и на боиштата на Блискиот исток.
Таква заедници предводеше и Хусеин Билал Босниќ кој е осуден на седум години затвор поради поттикнување на тероризам, бидејќи своите следбеници ги поттикнувал да ѝ се придружат на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.
Процената е дека пред десет години во БиХ постоеле речиси 70 параџемати, за по реакцијата на Исламската заедница да започне постепеното намалување на нивната бројност. Кон средината на минатата 2019 година бил активен 21 параџемат а во моментов има 11 заедници.
„Исламската заедница на БиХ работи на интегрирањето на сите поединци и групи кои го прифаќаат нејзиното учење и нејзината организациска рамка, и не може да понесува одговорност за оние кои дејствуваат вон нејзините рамки“, додава Јусиќ.