Во Босна и Херцеговина во понеделникот се потврдени 130 нови случаи на зараза со коронавирусот, но станува збор за нецелосни податоци бидејќи се однесуваат само на Федерацијата БиХ, додека од Заводот за јавно здравје на Република Српска соопштија дека во овој ентитет во изминатите 24 часа не правеле тестирања.
Засега нема појаснување за ова необична состојба, бидејќи ова е прв случај од избувнувањето на епидемијата во Република Српска да нема податоци за новозаразени. Потврдено е само дека од неделата е забележан еден нов смртен случај поврзан со коронавирусот.
Заводот за јавно здравје на Федерацијата БиХ, пак, објави дека во болниците во овој ентитет во изминатото деноноќие тестирале 794 примероци од кои 130 биле позитивни. Потврдени се и пет нови смртни исходи, а станува збор за лица повозрасни од 60 години.
Поединечно најголем број новозаразени се регистрирани на подрачјето на Сараево, каде што имало 67 такви случаи.
Со шесте починати лица од неделеата, вкупниот број смртни случаи во БиХ од почетокот на епидемијата сега изнесува 257, а заразени се повеќе од 8.600 луѓе.