Во БиХ зајакнати безбедносните мерки за сите воени објекти и фабрики за муниција

Мерките за безбедност во објектите на вооружените сили на Босна и Херцеговина, како и фабриките за муниција и воена опрема се зајакнати, потврди во средата министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез.

Откако локалните медиуми во текот на денот, повикувајќи се на неименувани извори, објавија за неодредени безбедносни закани, наводно откриени од полициските агенции, министерот Хелез изјави дека безбедносните мерки за воените објекти се укинати од превентивни причини.

„Сведоци сме на ескалација на воените настани на Блискиот исток и во Украина. Во врска со ова и потенцијалните размислувања за Босна и Херцеговина, наредив да се воведат зголемени безбедносни мерки за објектите на командите, единиците, објектите и магацините на оружје и муниција во вооружените сили на БиХ со цел заштита на персоналот, објектите и материјалните ресурси на Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина и вооружените сили на Босна и Херцеговина“, рече Хелез.

Посочи дека зголемените безбедносни мерки се однесуваат исклучиво на објектите поврзани со војската и ќе останат во сила „до понатамошно известување“. „Граѓаните во Босна и Херцеговина не треба да се плашат. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и нема информации или индикации дека ќе биде нарушена“, рече Хелез.

Засилените безбедносни мерки, меѓу другото, значат строги контролни мерки на сите возила и лица кои влегуваат во воени објекти и фабрики за муниција и оружје.

Воената индустрија е една од најпрофитабилните производствени дејности во БиХ, а од таа земја во првите шест месеци годинава е извезена муниција и оружје во вредност од над 150 милиони евра. Споредено со истиот период во 2023 година, ова претставува раст на извозот од дури 45 проценти.