Во Бразил денеска се оддржува вториот круг од претседателските избори, во кој граѓаните ќе избираат меѓу двајцата жестоко спротивставени политички кандидати, десничарот и актуелен претседател на земјата, Жаир Болсонаро, и левичарот и поранешен претседател Луис Инасио Лула да Силва.
Иако со месеци се чинеше дека поранешниот претседател Лула да Силва лесно ќе победи на изборите, во првиот круг од гласањето, на 2 октомври, тој доби 48,4 отсто од гласовите, а Болсонаро 43,2 отсто.
Според повеќето анкети, 77-годишниот Лула да Силва има мало водство пред вториот круг, што ги прави изборите неизвесни во оваа остро поларизирана земја, во која, како што наведуваат американските медиуми, многу гласачи гласаат не за кандидат, туку против оној кого го презираат.
Конзервативецот Болсонаро, 67-годишен поранешен армиски капетан, кој стекна голем број следбеници водејќи „културна војна“ против левичарските вредности, го истакнува своето противење на легализираниот абортус и дрогата и тврди дека враќањето на Лула да Силва на власт ќе донесе авторитаризам, прогон на религијата и ширење на „родовата идеологија“.
Болсонаро, претседател од јануари 2019 година, ги олесни ограничувањата за купување оружје и муниција и го ослабна надзорот над еколошките злосторства во прашумите на Амазон, што резултираше со, како што велат критичарите, со најголемото уништување на шумите во последните 15 години и значително зголемување на бројот на пожари во Амазон.
Бразилскиот претседател остро ги критикуваше судиите на Врховниот суд и упорно ја оспорува веродостојноста на системот за електронско гласање во земјата, што аналитичарите го гледаат како јасен знак дека можеби нема да ги признае изборните резултати, како поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кому јавно му се восхитува.
Да Силва, познат како Лула, ја фокусираше својата кампања на неговите први два претседателски мандати (2003-2010), за време на кои извозот на Бразил вртоглаво порасна и десетици милиони луѓе преминаа од пониската во средната класа.
Лула ветува враќање на тоа славно време, но не наведува детали како мисли да го постигне тоа. На сиромашните им ветува дека повторно ќе можат да си дозволат три оброци дневно и скара за викенд.
На претседателските избори во 2018 година, Лула не можеше да учествува бидејќи беше осуден на затвор за корупција, што му овозможи на Болсонаро лесна победа. Во 2021 година, Врховниот суд ја поништи пресудата против Лула, заклучувајќи дека судијата бил пристрасен и во дослух со обвинителите.
Право на глас на избори имаат околу 156 милиони Бразилци. Во првиот круг од претседателските избори гласале 79 отсто од гласачите.