Чешките власти запленија речиси 700.000 маски потребни во справувањето со пандемијата на коронавирусот Covid-19 од комапанија којашто почнала за нив да бара поголема цена, изјави министерот за внатрешни работи Јан Хамачек.
Чешка, во којашто во вторникот вечерта беа пријавени 434 случаи на зараза со коронавирусот, се соочува со акутен недостиг од заштитни медицински маски и респиратори, поради што граѓаните се организираат за нивно производство во домашни услови.
„Полицијата се бори против профитерите. Компанијата требало да им ги достави маските на здравствените работници, но во последен момент сакала да ја зголеми цената“, порача во вторникот вечерта министерот Хамачек преку социјалните мрежи.
Хамачек, заедно со премиерот Андреј Бабиш, во вторникот се извинија што не обезбедиле доволно заштитна опрема, особено за персоналот во болниците во кои се наоѓаат лица потенцијално заразени со вирусот.
Во меѓувреме, групата којашто се нарекува „Чешка шие маски“, која изработува и доставува заштитна опрема на оние на коишто име потребна, на Facebook веќе има 25.000 членови.
Епидемијата остава траги и во чешката економија. Локалната фабрика на германскиот производител на автомобили „Volkswagen“ оваа седмица ќе го запре производството, додека гувернерот на народната банка предвидува пад на бруто домашниот производ (БДП).
Чешката влада од саботата нареди затворање на поголемиот број продавници, ресторани и локали, во обидот да го ограничи ширењето на коронавирусот. Претходно во петокот донесе забрана за влез во земјата на странци, која стапи на сила од понеделникот, а на Чесите им се забранува излегување од земјата. Претходно, пак, беа затворени улилиштата, театрите, кината, галериите и музеите, а се забрануваат собири поголеми од 30 лица, освен за погреби.