„Оптимист сум за изборите, знам дека во ДПМНЕ има анкета на која 80% од граѓаните не можат да препознаат што е политиката на оваа партија во однос на интересот на граѓаните, затоа мора сами да си пишуваат анкети, да им биде полесно, да им тргне денот“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за Слободен печат.
Фактите покажуваат дека СДСМ има неколкупати подобар економски резултат и тоа во сите области, потенцира Ковачевски.
– Ако зборуваме со фактите, тогаш просечната плата е зголемена за 50%, минималната плата е зголемена за 100%. Ако во 2016 година биле потребни 4,5 плати за една потрошувачка кошничка, денеска се потребни 2 минимални плати за покривање на една потрошувачка кошничка. Tоа се факти. Ако зборуваме за пензиите, факт е дека минималната пензија сега е 50% повисока од таа во 2016 година и факт е дека просечната пензија е 50% повисока од таа во 2016 година. Ако зборуваме за невработеноста, во 2016 година година невработеноста била 24%, денес невработеноста е 13% идната година ќе биде 11%. Ние за прв пат после децении ќе имаме едноцифрена стапка на невработеност. И тоа се факти кои што не можат да се негираат со популизам и со лажни соопштенија – рече Ковачевски.