Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ), партија дел од владејачката коалиција, жали што петтемина членови на претседателството на партијата одлучиле да се самоповлечат од Централното претседателство.
Во соопштението на ДУИ се наведува дека таквата одлука ја донеле на состанокот на Централниот комитет на 1-ви април годинава.
Станува збор за членовите на таканаречната „огнена група“, која се залага за реформи во партијата. Членовите на оваа група го напуштија состанокот на Централното претседателство во пртиското седиште во тетовска Мала Речица и најавија дека ќе функционираат како фракција во партијата, нешто што според раководството на партијата не е дозволена со статутот.
Во соопштението на ДУИ се наведува и дека одлучиле на 2-ри јули да се бираат водствата на партиските ограноци.
„Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие се незадоволни од актуелните министри во Владата од ДУИ и сметаат дека ја узурпирале партијата со своите одлуки со што го намалиле рејтингот на партијата меѓу гласачите.