Во Египет откриени гробници стари две илјади години

Група археолози во областа Ал-Камин ал-Сахрави во покраината Минија, јужно од египетската престолнина Каиро откриле три гробници стари 2.000 години.

Во гробниците се откриени неколку различни видови саркофази и парчиња од глина. Египетското министерство за старини соопшти дека откритието „покажува дека ова подрачје долг период служело како големи гробишта“.

Во една од гробниците, до кои археолозите дошле низ пукнатини во карпите, имало четири саркофази украсени со гравирани човечки ликови. Во друга, пак, се откриени четири гробни места, вклучително е едно за дете.

Според парчињата глина, гробиштата датираат во периодот од меѓу 27-та династија, втемелена во 525 година пред Христа и грчко-римската ера којашто траела од 332 година пред Христа до IV век.

Шефот на археолошкиот тим, Али ал-Бакри, изјавил дека во едната гробница се откриени коски на жена, маж и на деца на различна возраст. „Гробниците биле дел од големи гробишта во рамките на голем град, а не воен логор, како што некои сугерираат“, додал.

Министерството во соопштението додава дека археолошките работи на овој локалитет се започнати во 2015 година и оти „работите на откривање на новите тајни продолжуваат“.