Меѓународната невладина организација за човекови права Amnesty International предупреди на „ограничувања и систематски напади“ на слободата на собирање во многу европски земји, во новиот извештај објавен во вторникот.
Насловен „Состојбата на правото на протести во 21 земја во Европа“, извештајот открива „шема на репресивни закони на целиот континент, употреба на непотребна или прекумерна сила, произволни апсења и гонења“, како и „неоправдани или дискриминаторски ограничувања“.
Дополнително, има зголемена употреба на „инвазивна технологија за надзор“, за која Amnesty International вели дека води кон „систематско укинување на правото на протест“.
Џулија Духроу, генерална секретарка на Amnesty International во Германија, оцени дека истражувањето дава „длабоко вознемирувачка слика за нападот врз слободата на собирање низ Европа“.
Во извештајот се наведува дека имало бројни примери на прекумерна или непотребна употреба на сила од страна на полицијата на протестите во периодот од 2020 до септември 2023 година, вклучително и некои случаи кои значеле тортура.
Истражувањето открило и „случаи на полициска неказнивост или недостиг од одговорност“ во најмалку 13 од 21 анкетирана земја, вклучувајќи ги Германија, Франција, Италија, Швајцарија, Обединетото Кралство и Турција.
Организацијата, исто така, го критикуваше трендот на осуда на протестите и сè почестото прикажување на мирната граѓанска непослушност како закана за јавната безбедност и ред. На пример, властите во Германија, Италија, Шпанија и Турција ги етикетираат активистите за климата како „еко-терористи“ или „криминалци“, според Amnesty International.
Истовремено, овие демонстранти биле „исто така целени со користење одредби поврзани со тероризмот и закони поврзани со борбата против организираниот криминал и заштитата на националната безбедност“, објаснуваат во оргамизацијата.
Amnesty International, исто така, ги критикува превентивните одредби во Германија, Италија и Обединетото Кралство. Тоа овозможило на луѓето да им се забрани „одредени места или идни активности“, а во некои случаи дури и притворени, „за да се спречат да се вклучат во граѓанска непослушност“.
За потребите на извештајот, Amnesty International спровел истражување во Австрија, Белгија, Чешка, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Полска, Португалија, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Турција и Обединетото Кралство.