Педесет милиони евра ќе тежи петтиот по ред пакет економски мерки што, како што е најавено, веќе од следниот месец треба да го реализира Владата.
-Првично обезбедивме Буџет за 2021 година во П1 програмата преку која се спроведуваат мерките за ковид-19 и имаме обезбедено 50 милиони евра. Мерките веќе ги дизајниравме и ќе бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници и слично, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во телевизиско гостување.
И тој, а претходно и премиерот Зоран Заев велат дека Владата нема самата да го креира пакетот, туку за тоа ќе има консултации со Стопанските комори, како и со синдикатите.
-Сите мерки и предлози ќе бидат дискутирани со Стопанските комори, ќе ги собереме сите предлози кои доаѓаат од различни институции, вклучително и на Министерството за економија и на почетокот на февруари, во согласност со нашите планови и динамика ќе излеземе со мерките и ќе почнеме да ги реализираме, кажа министерот.
Коморите чекајќи го повикот за дијалог веќе објавија што сакаат да има во пакетот. Освен директната финансиска поддршка на компаниите тие бараат и даночни и царински олеснувања, одложувања на даночните обврски, укинување на парафискалните давачки, поддршка од Фондот за иновации и за големите компании…
За петтиот пакет економски мерки вчера се огласи и Сојузот на синдикатите на Македонија.
-Субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците што се покажа како повеќе од потребно поради повторната злоупотреба на средствата од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците обезбедена од Владата, со оглед на тоа што и по 5-ти пат, газди, оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа земаа средства од државата, рекоа од ССМ.
За доделување на оваа помош тие бараат еден од главните услови за да биде враќање на работниците кои биле испуштени од работа, а исто така по користењето на мерката работодавачите да мора да ги задржат работниците најмалку три месеци.
Дополнително, предлагаат работниците кои не одеа на работа поради мерките за ковид-19, поради заболување од таа болест или самоизолација да добиваат цела плата, а заразата со ковид-19 да влезе во листата на професионални заболувања. ССМ исто така предлага јавните набавки да бидат исклучиво од домашни компании кои не отпуштиле неосновано работници и не ја злоупотребиле финансиската поддршка за плати.