Во Гана потврдени два смртни случаи од Марбуршка треска

Две лица, кои подоцна починале, биле позитивни на реткиот вирус Марбург, многу заразна болест слична на еболата и предизвикува хеморагична треска, соопштија здравствените власти во Гана, откако во четвртокот Светската здравствена организација (СЗО – WHO) објави за два сомнителни случаи на болеста во оваа африканска земја.

„По објавата за прелиминарно потврдување на два случаи на вирусот Марбург.. на 7-ми јули, Здравствената служба на Гана потврди дека натамошните тестирања .. ги потврдија резултатите“, се вели во објавата на Twitter на здравствените власти.

Резултатите морале да бидат потврдени од лабораторијата во Сенегал за случаите да се сметаат како потврдени, се вели во објавата на СЗО.

Двајцата пациенти потекнувале од јужниот регион Ашанти и кај двајцата се потврдени симптомите како дијареа, треска, гадање и повраќање, пред да починат во болнички услови. Се додава дека двајцата заразени, како и 98 лица со кои биле во контакт, биле ставени во карантин.

Потврдата значи дека станува збор за втора епидемија на Марбурпка треска во Западна Африка. Првиот случај на зарази со вирусот беше откриен минатата 2021 година во Гвинеја, но без идентификувани други случаи.

„Подготовките за евентуален одговор на епидемијата забрзано се изведуваат, во тек се натамошни истраги“, соопштија од СЗО.

Од 1967 година досега се регистрирани десетина големи епидемии на Марбуршката треска, главно во јужна и источна Африка. Стапката на смртноста од овој вирус варираат од 24 до 88 отсто во претходните епидемии, во зависност од видот на вирусот и управувањето со здравствените кризи, според податоците СЗО.

Вирусот Марбург се премесува на луѓето од лилјаци и се шири преку директен контакт со телесните течности на заразените, како и преку површини и материјали. Според СЗО, во моментов нема регистрирани вакцини или антивирусни препарати за третман на грозницата. За подобрување на стапката на преживување на заразата на пациентите се применува терапија за поддршка, орална или интравенска рехидратација, и за симптоматски третман.