Во Германија откажани летови поради штрајк

Летовите на десетици илјади патници денеска се откажани поради штрајк на аеродромското обезбедување на осум германски аеродроми, меѓу кои и најголемиот во Франкфурт.

Штрајкот започнал на полноќ на аеродромите во Хамбург, Хановер и во Бремен.

Во Франкфурт, каде се вработени 5.000 лица како аеродромско обезбедување, штрајкот почнал во два часот по полноќ и е предвидено да трае до 20 часот. Поради тоа, само на аеродромот во Франкфурт се откажани 570 од планираните 1.200 полетувања и слетувања за денеска.

Штрајкот во различно време почнал на аеродромите во Дрезден, Минхен, Лајпциг-Хале и во Ерфурт.

Германската авиокомпанија „Луфтханса“ откажала 400 од 640 летови во Франкфурт, како и 100 од 630 полетувања и слетувања на аеродромот во Минхен.

Работодавачите штрајкот го оцениле како неоснован, бидејќи се подготвени на нови преговори за платите, кои треба да почнат следната недела во Берлин.