Пристигнувањата и полетувањата на грчките аеродроми ќе бидат суспендирани во четврток, на 16 март, за кога е најавен 24-часовен штрајк на контролорите на летање и вработените во цивилната авијација поради железничката несреќа.
Во директен судир на патнички и товарен воз на 28 февруари во близина на градот Лариса, загинаа 57 лица, а десетици беа повредени.
Генералниот штрајк, свикан од најголемите синдикати во приватниот и јавниот сектор во земјата, е последен во серијата акции против конзервативната влада и политичкиот систем кој постојано ги игнорираше апелите на синдикатот за безбедносни мерки.
Неименуван претставник на цивилната авијација изјави за Ројтерс дека сите летови ќе бидат суспендирани на 16 март и ќе бидат дозволени само попатни летови, како и итни летови и летови за пребарување и спасување.
Компаниите „Еџин ерлајнс“ и „Олимпик ер“ соопштија дека тој ден биле принудени да ги откажат сите домашни и меѓународни летови. Штрајкот ќе влијае на стотици летови низ земјата на околу 40 аеродроми.
Покрај тоа, поради штрајкот, бродовите ќе останат во пристаништата.