Во Гватемала потврден изборот на Аревало, но суспендирана неговата партија

Националната изборна комисија на Гватемала официјално ја потврди победата на левичарскиот кандидат Бернардо Аревало на претседателските избори на 20-ти август.

Прогресивниот борец против корупцијата Аревало, од партијата движењето Семиља, победи во вториот круг со 60,91 отсто од гласовите, објави во понеделникот Националната изборна комисија. Поранешната прва дама Сандра Торес, која сѐ уште не го признава поразот, освоила 39,09 отсто.

Сепак, исходот од изборите е далеку од решен. Партијата на Аревало беше привремено суспендирана на барање на судијата непосредно пред објавувањето на конечните резултати. Државната изборна комисија во понеделник одлучи да ја суспендира партијата на одредено време поради наводни нерегуларности во нејзиното формирање.

Партијата сега има три дена да поднесе жалба. Истите судии кои ја потврдија победата на Аревало ќе треба да одлучуваат за иднината на неговата партија.

Изборниот процес беше во сенка на обидите на политичката елита и на државното правобранителство да користат правни средства за да го запрат подемот на 64-годишниот Аревало. Пет дена по вториот круг, поразената централно-левичарска партија Национално единство на надежта (UNE) на Торес веќе го доведе во прашање пребројувањето на гласовите. Партијата поднесе пријава до државното правобранителство за наводен изборен фалсификат.

Аревало треба да ја преземе функцијата на 14-ти јануари како наследник на актуелниот конзервативен претседател Алехандро Џаматеј, кому му беше забрането да се кандидира за реизбор поради ограничување на мандатот.