Во Хаг му го прочитаа обвинението на Салих Мустафа

Салих Мустафа има 30 дена да се изјасни дали се чувствува виновен. Според обвинението сите жртви за злосторствата за кои е обвинет биле Албанци

Во Специјалното обвинителство во Хаг заврши читањето на обвинението против поранешниот командант на ОВК, Салих Мустафа, кој е обвинет за воени злосторства во Косово.

Читањето на обвинението траеше четири минути. Мустафа изгледаше нервозно, се чешаше по увото и косата, но изразот на лицето не беше видлив затоа што носеше маска.

Мустафа рече дека го разбира обвинението и делата што му се ставаат на товар, дека нема забелешки за апсењето, испорачувањето и третманот во затворот.

Сепак, Мустафа не се изјасни за вината. Тој ќе го искористи периодот од 30 дена за кое време ќе се консултира со адвокат. Точниот датум ќе го утврди судот подоцна.

Во тој период ќе ги добие сите материјали, обвинението со заштитени податоци, меѓу кои се имињата на сведоците, датумите, локациите…

Првата статусна конференција ќе се одржи на почетокот на следната недела.

Има мал медиумски интерес – вкупно десетина новинари се присутни во Хаг. Галеријата од која се следат испитувањата е полупразна.

Мустафа (48) е обвинет во четири точки за воени злосторства: произволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиство на затвореник во 1999 година.

Според обвинението, Мустафа бил „командант на герилската единица на Безбедносно-информативната агенција, која припаѓала на оперативната зона Лаб на ОВК“.

Злосторствата за коишто е обвинет Мустафа се извршени против најмалку шест лица „на имот во местото Злаш во Косово кој служел како затвор“, од 1 април до 19 април 1999 година. Еден затвореник е убиен.

Во обвинението се наведува дека жртви на злосторството биле Албанци.

По наредба на судот во Хаг, Мустафа беше уапсен во Косово на 24 септември.