Во Хрватска платите помали за 8 отсто отколку во 2010 година

Хрватска е единствената нова членка на ЕУ во која платите денеска се пониски отколку во 2010 година и тоа за  речиси осум проценти. Повикувајќи се на извештајот од анализата „Бенчмаркинг воркинг  јуроп” за 2018 година, објавен од Европскиот синдикален институт, Хрватскиот синдикат наведува дека во Хрватска од 2010 до 2017 година реалната вредност на платите, земајќи ги во предвид трошоците за живот, се намалиле за 7,9 проценти.

Во текот на изминатите две години, хрватските плати се зголемија за 1,2 отсто  што е недоволно за да се компензира падот предизвикан од финансиската криза. Ова е далеку под растот во годините пред кризата, кога платите помеѓу 2000 и 2009 година се зголемиле за 15,8 отсто, наведуваат економските аналитичари.

Полоши од Хрватска во ЕУ се Грција, Кипар и Португалија, додека новите членки бележат двоцифрено зголемување на платите-  Чешка  11 проценти, Полска 15,3 проценти, а посебно се истакнуваат Романија со 30 отсто  и Бугарија со повисоки плати за дури 54,5 отсто.