Индиската полиција денеска приведе неколку стотици демонстранти во некои од најголемите градови во Индија, поради тоа што не ја почитувале забраната за собири, која властите ја донесоа во обид да ги запрат масовните демонстрации против новиот закон за државјанство.
Сепак, и покрај забраната, ширум Индија се одржаа серија протести, каде протестирачите го искажаа незадоволството од новиот закон кој им овозможува државјанство на немуслиманските бегалци од неколку соседни земји.
Противниците на законот тврдат дека тоа претставува продолжување на националистичката политика на премиерот Нарендра Моди и оти неговата влада на тој начин се обидува да ја приближи Индија до хиндуистичка земја, задавајќи голем удар врз долгогодишната посветеност на Индија за секуларна демократија.
За да се задушат протестите, властите блокираа патишта, го прекинаа интернетот и телефонските комуникации и ги заострија ограничувањата за демонстрациите во државата Асам во североисточна Индија, каде започнаа протестите минатата недела, откако парламентот на 11 декември го усвои спорниот закон
Новиот закон важи за хиндусите, христијаните, сиките, будистите, парсите и џаинистите, кои се нелегални во Индија, а во земјата се откако избегале од прогонствата во Бангладеш, Пакистан или Авганистан, земји со мнозинство муслимани. Законот не важи за припадници на муслиманските малцинства како рохинџи, кои беа прогонувани од соседен Мјанмар.