Здравствените власти во Истанбул предупредија дека регистрирале неколку сомнителни случаи на вирусот мајмунска сипаница.
Носители на сомнителниот вирус се откриени во аптека во Султангази, една од најгусто населените населби на европскиот брег на Истанбул, објави новинската агенција Демирјорен Хабер.
Во аптеката три лица за кои се вели дека се странци побарале да купат крема за раце. Тие ги покажаа рацете, кои беа покриени со рани слични на оние предизвикани од вирусот на мајмунска сипаница. Фармацевтот им ја дал бараната крема. Потоа се јавил во здравствената служба каде изразил сомнеж дека најверојатно се заразени со вирусот на мајмунска сипаница.
Веднаш пристигнала полициска патрола која ги забележала странците на булеварот каде се наоѓала аптеката.
Тројцата странци потоа со возило на брза помош биле пренесени во болница и изолирани. Направени се потребните тестови и се очекуваат резултатите.