Во Истанбул отворена болница со најголем оддел за интензивна нега во Европа

Новата болница во турската метропола Истанбул, во која е сместен одделот за интензивна нега со најголем капацитет во Европа, започна во четвртокот со приемот на пациенти, пренесе новинската агенција Anadolu.

Градската болница Башакшехир е именувана како „Бор и Сакура“ во знак на пријатлеството меѓу Турција и Јапонија. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и јапонскиот премиер Шинзо Абе учествуваа во официјалната церемонија на отворањето на оваа медицинска установа, пренесува агенцијата.

„Искрено се надевам дека болницата, на којашто ѝ е дадено симболичното за Јапонија име ‘Сакура’, ќе им служи добро на сите жители на Истанбул“, изјавил Абе во текот на неговото видеобраќање до присутните. Јапонскиот премиер, исто така, истакнал дека јапонската страна ќе продолжи со тесната соработка со Турција во заедничката борба против новиот коронавирус.

Турскиот челник, пак, рекол дека Истанбул „чекор по чекор се претвора во еден од признатите меѓународни здравствени центри“. „Во периодот кога среде пандемијата здравствените системи на многу земји доживуваат длабока криза, Турција и Јапонија се пример за успешна борба против коронавирусот“, истакнал Ердоган.

Градската болница Башакшехир, којашто се простира на површина од 789.000 квадратни метри, истовремено може да згрижи 2.682 пациенти. Опремена е за да изведува 725 прегледи истовремено, со 28 породилни сали, 90 операциони и 426 комплетни легла за интензивна нега, чиј број може да се зголеми во секој момент.

Покрај тоа, 50 отсто од енергетските потреби на болничкиот комплекс ќе бидат обезбедувани од сопствени ресурси низ системот за обновлива енергија. Целиот комплекс објекти е изграден имајќи ја предвид високата сеизмичка активност на почвата на која се простира Истанбул, и е опремен со сеизмички заштитници кои ја зголемуваат отпорноста на зградите при земјотреси.

Првиот случај на коронавирусот во Труција беше откриен на 10-ти март кал турски државјанин кој се вратил од Европа. Оттогаш вкупниот бриј заразени лица во земјата со околу 80 милиони населени до четвртокот мина 152.000 лица, од кои починале 4.222 а оздравеле 113.987 пациенти.