Алжирец е уапсен во италијанскиот пристанишен град Бари под сомневање дека како припадник на џихадистичката организација Исламска држава им помагал на извршителите на координираните терористички напади во франциската престолнина Париз пред повеќе од пет години кога беа убиени 130 лица, објави во понеделникот италијанската полиција.
Мажот на возраст од 36 години е осомничен дека набавил фалисфикувани документи за вооружените напаѓачи и бомбаши кои на 13-ти ноември 2015 година ги нападнаа париската концертна сала „Батаклан“ и блиските ресторани, како и приодите кон стадионот „Стад де Франс“ на кој таа вечер се играше пријателскиот фудбалски натпревар меѓу селекциите на Франција и Германија.
Синхронизираните напади во коишто покрај 130-те убиени имаше и стотици ранети, беше најсмртоносниот напад во Франција од Втората светска војна. По него следеа уште повеќе терористички напади во земјата со десетици жртви, или повеќе стотици во последните шест години.
Според првичното соопштение на италијанската полиција, која за подоцна во понеделникот најави прес-конференција, истрагата ја утврила директната поврзаност на осомничениот во логистиката со лажни документи на извршителите на нападите.
Покрај тоа, Алжирецот е обвинет и за учество во терористичка група блиска на Исласката држава и за дејствување во Франција и во Белгија. Тој одржувал контакти со џихадитите преку беговите браќа и други припадници на терористичката ќелија, ветувајќи им дека ќе обезбеди фалсификувани документи и ќе поддржи и учествува во нивни конкретни активности.
Еден член на оваа ќелија е убиен во терористичкиот напад во Париз, вториот се наоѓа во белгиски затвор поради врбување терористи, а идентитетите на другите инволвирани и загинати во нападот сѐ уште не се утврдени. Според полицијата, тие дејствуваат и во Италија и во Алжир, Франција, Белгија, Шпанија и Сирија.