Во нападите на израелската војска ширум палестинската енклава Појас Газа во последните 48 часа загинаа најмалку 61 лице, соопштија медицински извори во саботата, додека израелските сили продолжуваат со ударите врз милитантите предводени од исламистичкото движење Хамас, пренесува Reuters.
Единаесет месеци по почетокот на војната, многубројните кругови дипломатски напори не успеаја да постигнат договор за прекин на огнот за да се стави крај на конфликтот и да се ослободат израелските и странските заложници кои се држат во Газа.
Во воздушните напади врз две училишта во кои биле сместени раселени лица, едно во градот Газа и едно во Џабалија, загинаа најмалку 12 лица, соопштија палестински медицински лица. Израелската војска соопшти дека нападите биле насочени кон вооружени припадници на Хамас кои наводно дејствувале во комплексите на училиштата. Уште пет лица загинале во напад на куќа во градот Газа, соопштија палестинските медицински лица, а во саботата загинаа вкупно 28 лица.
Вооружените крила на движењата Хамас, Исламски џихад и Фатах соопштија дека се бореле против израелските војници низ Газа со противтенковски ракети и минофрлачки гранати, а во некои судири со извеле минофрлачки удари чии цели биле тенкови и други возила на израелската војска.
Двете завојувани страни продолжија да се обвинуваат меѓусебно за неуспехот на напорите на посредниците од Катар, Египет и САД, да посредуваат за прекин на огнот. САД се подготвуваат да презентираат нов предлог, но изгледите за напредок изгледаат минимални, бидејќи јазот меѓу конфронтираните страните останува широк, беше соопштено во саботата.
Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс, кој воедно е и шеф на американскиот преговарчки тим, на настан во Лондон изјави дека подетален предлог ќе биде изложен наредните денови.
Истовремено десетици илјади Израелци се приклучија на протестите во Тел Авив и другите градови, барајќи од премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговата влада да склучат договор според кој преостанатите 101 заложник ќе бидат ослободени. Убиството на шест заложници минатата седмица предизвика излив на гнев и тага што доведе до масовни протести. Заложниците биле застрелани во глава од припадници на Хамас, објави Израел, не многу долго пред нивните тела да бидат пронајдени од војниците во тунел во Газа минатата сабота.
„Тие можеа да бидат спасени“, рече Еинав Зангаукер, чиј 24-годишен син Матан бил киднапиран од милитантите од неговиот дом во кибуцот Нир Оз. „Сѐ додека Нетанјаху е на власт, ќе продолжиме да ги враќаме заложниците во вреќи со тела“, додаде во изјава за Reuters.
Во четвртокот, американскиот државен секретар Eнтони Блинкен рече дека е обврска и на Израел и на Хамас, кој ја презеде контролата врз Газа пред речиси две децении и е одговорен нападот без преседан во историјата во јужен Изаел ланскиот 7-ми октомври што ја предизвика војната, да направат отстапки за постигнување договор.
Во саботата, високиот функционер на Хамас, Хосам Бадран, рече дека групата не поставила нови барања и останала посветена на предлогот од 2-ри јули, изнесен од САД, обвинувајќи го Нетанјаху дека поставува нови услови кои нема да ја завршат војната. Нетанјаху, пак, вели дека Хамас е тој што вовел неприфатливи услови.
И покрај ќорсокакот во мировните преговори, Обединетите нации, во соработка со локалните здравствени власти, продолжија со кампањата за вакцинирање на 640.000 деца во Газа по првиот случај на детска парализа по околу 25 години на оваа сега сосема разорена мала но пренаселена територија. Ограничените паузи во борбите овозможија кампањата на вакцинирање да продолжи.
Официјални претставници на ОН рекоа дека напредувале, бидејќи успеале да дојдат до повеќе од половина од децата на кои им требале капките во првите две фази во јужниот и централниот дел на Појасот Газа. Во недела кампањата ќе се пресели во северниот дел на Појасот Газа. Вториот круг, односно ревакцинацијата ќе треба да се спроведе четири седмици по првиот.
Последното крвопролевање во деценискиот израелско-палестински конфликт беше предизвикано од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, при што загинаа 1.200 луѓе, главно цивили, а според израелските податоци, беа земени околу 250 заложници. Во последователната инвазија на Израел врз енклавата започната истиот ден досега се убиени повеќе од 40.900 Палестинци, според министерството за здравство во Газа, а исто така го принуди на повеќекратни бегстава и раселувања во неколку правци речиси целото 2,4 милионски население во енклавата.
Западните медиуми наведуваат дека палестинското Министерство за здравство не правело разлика меѓу борци и цивил во извештаите за жртвите, но здравствените власти велат дека најголемиот број од жртвите биле цивили, и тоа повеќе од половината се деца. Израел, кој загуби 340 војници во Газа, и уште 318 припадници на разните вооружени формации во ненадејниот упад на Хамас ланскиот октомври, вели дека најмалку една третина од загинатите Палестинци се борци.