Според информацијата на УХМР, во целата земја средните јануарски температури се под нула и се движеле од -6,8 во Маврово до нула во Гевгелија. Секаде средната температура е под просекот со многугодишните просечни вредности и до пет степени. Се движела од -5.9 во Берово, -5,4 во Лазарополе, -4,2 во Битола и Крива Паланка, -4 степени во Скопје, -3,6 во Прилеп, -3,5 С во Струмица, -3,3 во Штип, -2,7 во Демир Капија и -1 степен во Охрид.
На некои места температурата е пониска и за шест степени. Забележани се екстремно ниски температури на почетокот на месецот, а апсолутно минимални температури се регистрирани на 8 јануари од -28 степени во Берово, -24,6 во Битола, -23,8 во Маврово, -23,3 во Крива Паланка, -23 во Лазарополе, -21 во Прилеп и – 20,6 во Штип.
УХМР наведува дека во јануари 2017 беа регистрирани и обилни врнежи од снег, кои започнаа на 6 јануари, а снежната покривка во најголемиот дел од земјава се задржа до крајот на месецот, но не ги надмина досегашните максимални вредности, а направи проблем во одвивање на сообраќајот.
Максималната висина на снежниот покрив е забележана на 19 јануари и изнесувала 85 сантиметри во Маврово, 49 во Битола, 33 во Берово, 30 во Демир Капија, 22 во Скопје, 18 во Струмица, 17 во Штип и 14 сантиметри во Прилеп. Количеството на врнежите во целата Република е во рамките на просечните вредности за јануари, освен во Демир Капија каде врнежите се двапати повисоки од вообичаените јануарски вредности.