По повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштија, Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Институтот за социјална работа и социјална политика Скопје и канцелариите на УНИЦЕФ и Светска Банка организира регионална конференција на тема „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата”.
Со социјалната реформа се воспоставува праведна распределба на средствата, кои се насочени кон оние на кои навистина им се потребни. За првпат системот е отворен за лицата со ниски примања. Така, наместо 3.200 деца, детски додаток сега им следува 73.500 деца. Бројот на деца кои ќе примаат образовен додаток пак е предвидено да порасне од 3.800 на 64.316 деца. Вкупно, додатоците за семејства со деца кои живеат во сиромаштија се зголемуваат за повеќе од 100%.
„Денес 30.000 домаќинства земаат повисока социјална помош, а над 22 илјади деца користат детски. Сакам да истакнам дека целосно го менуваме начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани. Точно е дека значително ја зголемуваме финансиската помош, но истовремено овозможуваме поддршка за вработување, ги зајакнуваме услугите во заедницата и инвестираме во ран детски развој. Бидејќи сиромаштијата не треба да се пренесува од генерација на генерација“, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Детската сиромаштија денеска е сѐ почест проблем во светот. Таа опфаќа индивидуални случаи, деца и семејства, го кочи нивниот развој и ја загрозува нивната благосостојба, но истовремено влијае врз целокупниот економски и општествен развој.
„Многу држави го препознаваат значењето на инвестициите во децата и во мерки за превенција, и справување со сиромаштијата, која ја загрозува нивната благосостојба. Ова не е лесно. Свесни сме. УНИЦЕФ работи со сите држави во регионот, со цел да ги заштити децата од штетните ефекти од сиромаштијата“, истакна Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.
Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во Косово и Северна Македонија рече дека модерните системи за социјална заштита треба да им обезбедат на најранливите можност да излезат од сиромаштијата и да станат продуктивни членови на општеството.
„Во многу земји па и во Македонија значителен број деца живеат во сиромаштија, едно од три. Многу од нив се ранливи, што значи дека тие живеат во фамилии кои се на прагот на сиромаштијата, и се во социјален ризик. Модерните системи на социјална заштита треба да бидат во можност да им помогнат на сите лица во социјален ризик, особено на сиромашните и ранливите не само во обезбедување на социјална помош, туку и во справување во време на кризи и шокови, наоѓање работни места, подобрување на продуктивноста, инвестирање во здравство и образование на нивните деца и во заштита на населението кое старее. Ако нивните фамилии се соочат со здравствени проблеми, губење на работните места или природни катастрофи. Земјите во регионот треба да се справат со овие предизвици, ако сакаат да го затворат јазот треба да ги достигнат европските стандарди во економиите“, рече Матоновели.
Конференцијата „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата” ќе трае два дена. На неа земаат учество голем број експерти, академици, граѓански организации од земјата и регионот.