Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Македонската Асоцијација на земјоделски задруги денеска го одбележува Меѓународен ден на задруги, пренесува ТВ Сител.
Согласно новиот Закон за земјоделски задруги, по овој повод заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски нагласи дека веќе има формирано 15 земјоделски задруги. Целта, истакна, останува иста-обединување на производството, на земјоделството, затоа што на тој начин ќе добиваме поконкурентно и постандардизирано земјоделско производство, поголем квантитет и квалитет.
– Сметаме дека патот кон задругарството е трасиран, но потребен ни е секогаш дијалог со Македонската Асоцијација на земјоделските задруги, со цел да се подобрува понатаму законската рамка и заедно да креираме соодветни мерки, изјави Коњановски.
Една од мерките за поддршка и развој на земјоделското задругарство, потенцира тој, е набавката на земјоделска механизација со која се овозможува 90 проценти од трошоците за набавка на земјоделската механизација се на товар на Владата, преку програмата за рурален развој. Наредната година, најави Коњановски, ќе има и обука за менаџерите на земјоделската задруга.
Политиката што ја води Владата во овој сектор, истакна Тони Димовски директор на Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој донесува, очигледно дава резултати. Формирањето 15 задруги за речиси година и пол, смета, е пример за останатите земјоделци во која насока треба да се движат.
– Поволностите се согледуваат и во зголемените субвенции коишто во зависност од обемот на задругата се од 7 до 15 проценти. Тоа е само еден аспек, побитно е што останатите можности за заштита на земјоделските производство, би ги споменал осигурувањето, олеснетата набавка на механизацијата, а со тоа директно зголемување на продуктивноста и економичноста на земјоделското производство, се пак даваат значителна перспектива на македонското земјоделско производство, рече Димовски.
Според него, околу 2.000 земјоделци од вкупниот број регистрирани, го имаат осигурано својот посед. Димовски истакна дека трендот на таквото осигурување и подобрување на опфатот на ризиците за осигурување го зголемува и бројот на земјоделците кои го осигуруваат земјоделското производство.
– Во програмата за рурален развој имаме 23 милиони денари што се директно насочени кон функционирањето на земјоделските задруги, нагласи тој.
Претседателот на Македонската Асоцијација на земјоделски задруги Менде Ивановски, истакна дека земјоделците сметаат оти е подобро да се здружени и заедно да функционираат и затоа покрај постоечките 15, во постапка на регистрација се уште четири задруги.
– Земјоделците гледаат дека имаат бенефит од здружувањето во задруги, а голема е поддршката и од страна на Владата и Министерството за земјоделство, која се повеќе и се зголемува, изјави Ивановски.
Македонија е прва земја во регионот која донесе посебен Закон за земјоделски задруги и целосно ги измени и комплетира потребните правилници за негово полесно спроведување. Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, интересот за здружување на земјоделците е се поголем. Тие веќе ги препознаваат придобивките од заедничкото дејствување.
– Одговорот за силен, моќен земјоделец е во задругарството, во овој правец треба да се движи македонскиот аграр. Поголемо и поквалитетно производство, сигурен пласман, повисока поддршка од државата и поголем профит, се само некои од придобивките на кооперативното здружување, е ставот на Министерството.
Светот го одбележува Меѓународниот ден на задругарството, воспоставен од ОН како првата сабота од јули. Целта е подигнување на свеста кај производителите за кооперативно работење и јакнење на партнерството меѓу интернационалните задругарски движења и други организации, како и влади кои го поддржуваат ваквиот начин на функционирање во аграрот. Меѓународен ден потсетува што задругите треба да сторат во насока на јакнење на светската економија и социјалниот развој. По повод Денот, Меѓународната алијанса на задруги секоја година испраќа соодветна порака.