Во московските клиники веќе се вакцинирани над 5.500 лица против Ковид-19

Рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко соопшти дека во рамки на тестирањето на вакцината „Спутник 5“, на клиниките во Москва биле вакцинирани повеќе од 5.500 лица.

-Фазата на тестирања по регистрацијата е во тек изјави Мурашко на средбата со претседателот Владимир Путин и членовите на руската Влада.

Русија на 11 август ја регистрираше првата вакцина во светот против корона вирусот. Вакцината ја разви Националниот истражувачки центар за  епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ на руското Министерство за здравство, а нејзините клинички испитувања беа успешно завршени во јуни и јули.

Вакцината е изработена врз платформа што се користела за низа други вакцини.

Според руското Министерство за здравство, овие вакцини ја докажале нивната способност да создадат траен имунитет во период до две години.

Руските медиуми јавуваат дека во моментов во земјата има уште две други вакцини против корона вирус што се во фаза на клинички испитувања.