Општа или локална допрва ќе видиме, но уште полошо – ќе почувствуваме последици. Никој нема да куртули секој ќе добие стап по грбот, но како и секогаш – колку посиромашен толку поголем стап. Вие иначе добри? Само навивајте за едните или другите.
И така преку ноќ, Македонците, од белосветски експерти за харп, кемтрејл, 5Г, надградени во здравствени примариуси за заразни болести и генетска микробиологија, со су-специјализација за вакцини, станаа експерти за за геополитика и воени доктрини. Очекувано, нели? Па, обично тоа е пропорционално со стравот. Простете, не е навреда, стравот во драматични состојби најчесто се канализира во проучување на одредена тема, зголемен интерес и ненаков облик на студиозност. Нејсе. Веќе не постои Корона, исчезна за 48 часа, никој не чита бројки за мртви, заразени, сега дојде време за стручни коментари на фудбалскиот натпревар меѓу Русија и Украина, на кој се гине на терен.
Да многу некоректно ова од мене, но ова е моја детекција како ние му приоѓаме на проблемот во кој страдаат невини. Знаејќи за руската супремација, дојде до полит-рекција на популосот кој е убеден дека нивните ќе победат и уште однапред почнаа да мафтаат со знамиња и се расфрлааат со анти-нато памфлети. И така, сега проруските „фили“ застанаа на исто рамниште со НАТО-филите. И двете страни само додворувачи кој кого повеќе ќе го осуди – Западот или Русија, и ќе им се додвори на другите. Колку беда има во овој екстремен полтронизам, зачинет со слободарски празни флоскули со цитати од меѓународно право кое се сведува, сума-сумарум „на кој прв почна ММЕ“. Уплашени, полу-информирани, се нафативме да коментираме што и најголемите воени аналитичари и од истокот и западот не можат во потполност да го согледаат, затоа што е несогледливо – а кој ви кажува поинаку ЛАЖЕ (клевеќе и лаже?) но, ваше право е да си верувате во лаги. Нешто и како со Короната, се утепавме од јадење бурек и скоро ништо ниту погодивме, ниту предвидовме. Не знаеме! Повторно и повторно, а кога има незнање има страв и тогаш се раѓаат завери, теории…
Долга и мачна ќе биде состојбата со Украина, и што по неа ќе следи. Никој нема да победи, сите ќе загубиме. И ова малку дно што нам ни остана ќе продолжи да еродира, до бесконечност. Цените вртоглаво ќе растат, се’ помалку пари за здравство, се’ помалку пари за стандард, се’ ќе иде преку плафон, а ова во Украина ќе се обиде да се прелее насекаде. Сирија веќе со денови е бомбардирана од страна на Израел, ама мува не ги лази нашиве стручаци. Дали ќе има домино ефект, Тајван и други геостратешки точки? Ќе има, само нема да иде така бргу… за наши појмови бавно, за историски – пребрзо.
Неспособен за преживување, освен за партиски клиентелизам, Македонцот ќе се сврти кон омилената му партија преку која нашол работа, бара работа, вработува некој свој и односите дома на сета беда ќе стануваат се подраматични. Другите ќе бегаат преку граница, само каде ќе биде побезбедно?
Меѓународното право е одемна погазено и од двете страни во конфликтов, и од Русија и од Западот, и сетоа тоа само ќе се спушта на секое ниво се’ подоле и подоле. Ќе глумиме живот, ќе глумиме праведност, а децата ќе почнат да не’ мразат се’ повеќе затоа што се што пипнавме-упропастивме.
Бедата стана нормална и секојдневна, но важно ќе пишуваме статуси против НАТО, против Русија, ќе собираме лајкови и кликови со реторика не подалеку од Мао, Сталин, Дуче и Адолф, ама штом имам 500 лајка, мора да сум во право.
Има една мудрост вели: Дури и кога милиони говорат нешто глупо, тоа останува глупост – Шопенхауер. За нас глупоста е како џакузи – пријатна до екстаза.
Автор: Јанко Илковски за НетПрес