Следната среда, на 25-ти април во австриската престолнина Виена, ќе се одржи нова средба на шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција, Никола Димитров односно Никос Коѕијас со медијаторот Нимиц, објавија дел од грчките медиуми.
Според информациите, датумот се споменува во новинарските кругови во Грција, но засега изостануваат официјална потврда или демант.
Грчкиот информативен портал In пишува дека новата средба се планира во голема тајност, но индиректно ја поврзува и со изјавата на Коѕијас за радиото 247 дека не може да се постигне договор до јулскиот самит на НАТО.
„Многу веројатно е новите разговори да се однесуваат на временскиот период, нешто што се спомена и по средбата во Охрид“, пишува порталот.
Никола Димитров и Никос Коѕијас, како што веќе беше соопштено по нивната средба во Охрид минатиот четврток, ќе се сретнат и на двете конференции кај јужниот сосед, едната на 3-ти и 4-ти мај во Солун, другата една седмица подоцна во Сунио.
Првата е регионална конференција со учество на Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, која веќе неколкупати се одржа во истиот формат и се однесува на меѓуграничната соработка.
На 11-ти и 12-ти мај, во Сунио на седумдесетина километри во Атина, познато по Храмот на Посејдон, ќе биде домаќин на Конференцијата за иднината на Европа.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, на конференцијата ќе учествуваат претставници на Вишеградската група (Словачка, Чешка, Унгарија и Полска) и балканските четворка, односно земјите од членки на ЕУ од регионот (Бугарија, Хрватска, Романија и Грција), како и државите кандидати за членство во унијата, меѓу кои и Македонија.