Во одличен меч ремизираа Јуве и Аталанта, Рома продолжи со победничката низа

Во последниот дуел од неделната програма на 19-то коло на италијанското фудбалско првенство во Торино домашниот Јувентус и Аталанта одиграа возбудлив меч кој заврши без победник со резултат 3:3.

Ова беше првиот натпревар кој Јувентус го одигра откако беше потврдено дека е казнет со одземање на 15 бодови поради неправилности при трансферите, со што падна од третото место на средината од табелата.

Аталанта, пак, продолжи со извонредно моќната напаѓачка игра, бидејќи пред трите гола на Јувентус кој во претходните осум кола прими само еден погодок, ѝ даде осум гола на Салернитана во Серија А и пет на Специја во Купот на Италија.

Натпреварот започна со погодокот на гостите во 4 минута, Нигериецот Адемола Лоокман со грешката на домашниот голман Војчех Шчечни и погоди во поблискиот агол. Но Јувентус имаше одговор, и тоа со пресврт до крајот на првиот дел. Прво во 25 минута од пенал израмни Анхел Ди Марија, а потоа одличната акција започната со петицата на аргентинецот До Марија со многу убава егзекуција ја заврши во 34 минута Полјакот Аракдиуш Милик.

Но веднаш на почетокот од вториот дел, по триесет секунди игра во 46 минута, Аталанта израмни со погодокот на Јоаким Мехле, а нов пресврт, но овојпат за гостите донесе во 53 минута Лоокман со својот втор гол на натпреварот. Но и тогаш Јуве успеа да се врати од заостанувањето, кога во 65 минута Данило со топовски удар од слободен удар ги постави 3:3. До крајот на мечот и двете екипи имаа по неколку многу добри шанси за четврти погодок, но резултатот остана непроменет.

Со овој бод Аталанта е петта со 35 бодови, а Јувентус е деветти со 23 бодови, 11 бодови помалку Лацио на шестата позиција која е последната која води во европските натпреварувања следната сезона.

На врвот на Серија А е Наполи со 50 бодови, дури 12 повеќе од второпласираниот Милан и 13 од третиот Интер кои имаат и натпревар помалку.

Претходно во неделата Рома освои три гостински бода откако со 2:0 славеше кај Специја. Откако продолжи првенството по паузата за светското првенство во Катар, римската „Волчица“ во првенството впиша три победи и едно реми, и барем привремено со 37 бодови е на четвртокот место, а Специја моментално е 15-та со 18 бодови, шест повеќе од зоната на испаѓање.

Рома го реши натпреварот кон крајот на првиот и почетокот на вториот дека, а стрелци беа Стефан Ел Шарави во 45 и Тами Абрахам во 49 минута.

Удинезе со погодокот на Кингсли Ехизибуе во 88 минута забележа минимална победа на гости кај Сампдорија. Удинезе сега е седми на табелата со 28 бодови, шест помалку од местата кои водат во континенталните купови, а Сампдорија е претпоследна 19-та со 9 одови,, осум под зоната на опстанок.

Сасуоло поведе во 13 минута со голот на Џан-Марко Ферари на гости кај Монца, за којашто бод спаси во 60 минута Џанлука Капрари. Монца е 13-та со 22 бодови, а Сасуоло со 17 бодови го држи последното 17-то место кое гарантира опстанок со пет бодови повеќе од опасната зона.

Колото во понеделник го продолжуваат дуелите Болоња – Кремонезе и Интер – Емполи, а ќе го затвори во вторник дуелот Лацио – Милан.