6.8 C
Skopje
среда, ноември 13, 2024

Во Охрид ќе се одржи 33-oт Меѓународен атлетски маратон

По повод празникот на независноста, во неделата долж источното крајбрежје на Охридското Езеро 33-ти пат ќе се одржи Меѓународниот охридски атлетски маратон.

Оваа година покрај традиционалната, вљубеници во трчањето можат да се пријават и на штафетна трка во три делници од по десет километри. Првата делница завршува во село Трпејца, втората делница завршува во населба Лагадин и третата делница завршува на целта.

Првпат маратонот се одржа во 1976 година, а во континуитет се организираше до 1993 година на 7 ноември по повод ослободувањето на градот Охрид. После десет години пауза во 2004 година, на иницијатива на сегашниот одбор маратонот беше возобновен и со исклучок на 2011, се одржува секоја година, собирајќи ја во Охрид регионалната атлетска елита.

Рекордер на трката со пет победи е Живко Стојчески, додека маратонец со најмногу 18 учества е Славко Симоноски. Во машка конкуренција рекордер на патеката е Кениецот Абел Кибет Роп (1.34.58) додека во женска конкуренција најдобро време има постигнато неговата сонародничка Ребека Џепширшир (1.48.12). И двата рекорди беа постигнати на трката во 2015 година.

Здружението „Охридски атлетски маратон 2012″, што го организира маратонот и оваа година со забелешки за слабата поддршка на институциите за манифестацијата.

-Како претседател на здружението најавувам дека овој маратон ќе биде последен организиран од наша страна. Можеби организацијата ќе ја преземе Атлетскиот клуб Охрид, ние немаме веќе сила и ставаме точка. Не се потребни големи финансии, но ние сите ресурси од спонзори ги исцрпивме, а не добиваме помош од градот и властите, изјави за МИА претседателот на Здружението Пецо Неданов