Во Општина Аеродром почнува реализацијата на проектот Clean AirDrom кој се спроведува во рамки на програмата „ЕУ за општините“. Целта на проектот е да придонесе за зголемена одржливост на урбаното живеење во Општина Аеродром преку воведување иновативен модел за управување со отпад, при што низ целиот процесот на селектирање и правилно одложување на отпадот, главната улога ја имаат граѓаните.
Фокусот на „Clean Airdrom“ е насочен кон значително намалување на комуналниот отпад, воспоставување на функционален систем за селекција на отпад во Општина Аеродром и поддршка во транзицијата кон циркуларна економија. Овој проект е од огромно значење за општината и државата, бидејќи не само што придонесува до почиста и здрава околина, туку и претставува мост до Европската Унија. Преку овој модел на зајакнување на капацитетите на општините за справување со големите количини отпад, како и едукација на граѓаните за важноста од селектирање и рециклирање, директно придонесуваме во насока на исполнување на критериумите од поглавјата поврзани со еколошки прашања и животната средина.
Проектот е финансиран од Европската унија, кофинансиран од Швајцарската агенција за поддршка и развој преку Министерството за локална самоуправа, а Општина Аеродром ја предводи ефективната имплементација на проектот, во партнерство со Центарот за поддршка на бизнис – Омниум ДООЕЛ Скопје и Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина – Гоу Грин.